Откако почнаа обилните дождови минатата недела, 12 000 домаќинства останаа без струја, а стотици домови и деловни објекти беа поплавени
Најмалку 37 лица, меѓу кои четири деца, загинаа во поплави предизвикани од обилни врнежи во источниот дел на Кентаки, изјави гувернерот на оваа американска сојузна држава, Енди Бешир. Се стравува дека бројот на жртвите ќе продолжи да расте бидејќи стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати, а дождот продолжува да паѓа.
Откако почнаа обилните дождови минатата недела, поплавите опустошија неколку области.
Повеќе од 12 000 домаќинства останаа без струја, а стотици домови и деловни објекти беа поплавени. Бешир изјави дека поправката на патиштата, мостовите и другите инфраструктурни објекти ќе чини милиони.
Локалните власти продолжија да работат за да ги спасат жителите и да обезбедат храна и засолниште за илјадници раселени луѓе.
Водата уништи домови во најтешко погодените области по неколкудневните обилни дождови, една од најлошите непогоди во историјата на државата, рече Бешир.
Официјалните лица предупредуваат дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи постојаниот дожд и оштетените патишта и мостови ја отежнуваат работата на спасувачките тимови.
Некои области сè уште се без телефонска мрежа поради што жителите не можат да контактираат со најблиските или со итните служби.
Раселените жители се засолниле во паркови, цркви и мобилни домови обезбедени од државата. Околу 300 луѓе се во засолништа, велат властите.
„Многу луѓе имаат само облека, сè друго е уништено“,
рече гувернерот.
Во два разурнати кварта во вечерните часови беше прогласен полициски час поради дојава за грабежи.
„Мразам што морам да воведам полициски час, но грабежите апсолутно нема да се толерираат. Нашите пријатели и соседи изгубија толку многу – не можеме да стоиме настрана и да им дозволиме да го изгубат она што им остана“,
напиша официјален претставник на округот Брејт на Фејсбук.
Американскиот претседател Џо Бајден ги прогласи поплавите за голема катастрофа и нареди федерална помош за локалните спасувачи.
Поплавите се втора голема катастрофа во Кентаки во изминатите седум месеци, откако торнада однесоа речиси 80 животи во западниот дел на оваа американска сојузна држава во декември.