СДСМ го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е против членството на земјава во Европската Унија и дека сите негови активности се насочени исклучиво против тоа. Оттаму велат дека референдумот кој го најавува Мицкоски, а за кој сè уште не се знае како ќе гласи прашањето, служи само за лична внатрепартиска употреба во опозициската партија.
„Граѓаните гледаат дека тие анти ЕУ изјави почнуваат да доминираат во секој настап на Христијан Мицкоски, откако му паднаа во вода сите лаги, блокади и крвави сценарија. Проблемот на Мицкоски е што почнавме преговори со ЕУ, со заштитен македонски јазик во Унијата и заштитени идентитетски, културни и јазични посебности на македонскиот народ. Референдумот кој го најавува Мицкоски, а за кој не ја знае ниту формата, ниту прашањето служи само за лична внатрепартиска употреба. Референдум против македонски јазик во ЕУ, против преговори со ЕУ, против ЕУ не може да успее“,
велат од СДСМ.
Денеска Мицкоски изјави дека уште течат консултациите за референдумското прашање, но дека блиску се до содржината што шефот на државата Стево Пендаровски ја предложи јавно.