Украинците со воодушевување ја примија веста дека Македонија испраќа тенкови кои ќе им помогнат во битката за спасување на нивната татковина од руската агресија. Сите тамошни медиуми, дел од нив повикувајќи се на веста која ја објави „360 степени“, информираат дека македонската влада решила да и донира на Украина 30 тенкови Т-72 и дека тие веќе се транспортираат кон крајното одредиште.
На социјалните мрежи се изразува огромна благодарност до Македонија за помошта и се критикуваат западните земји, пред се Германија, бидејќи и покрај ветувањата за нејзина помош во вооружување, таа никако да стаса.
На твитер профилот на новинарот на „Киев Индепендент“, Илија Пономаренко кој прв ја соопштува информацијата за македонската донација, може да се забележат десетици позитивни коментари упатени кон Македонија.
Особено интересен е оној испратен од твитер налогот на познатата писателка Викторија Амелина, која не го крие своето задоволство од македонското добродетелство. Таа најавува дека после победата над рускиот агресор, доколку преживее, Македонија ќе биде нејзината прва дестинација на која ќе го помине својот годишен одмор.
Од македонското министерството за одбрана, вчера за „360 степени“ потврдија дека земјава ги дава како донација на Украина тенковите од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран. Оттаму посочија дека станува збор за ,,трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа”. Дополнително, додаваат од МО, во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за нивно уништување, што е нецелисходна активност за нашата Армија.
„Согласно владините одлуки во неколку наврати е донирана воена опрема на Украина и тоа е во координација со сојузниците. Ние како членка на НАТО го почитуваме територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина и остро ја осудуваме руската агресија“,
велат од министерството за одбрана за „360 степени“.