Високата корупција и насилните акти врз припадници на ЛГТБ заедницата се содржани во Извештајот за човековите права на Стејт департментот, кој беше објавен попладнево.
Ниското ниво на незаивсност на медиумите во земјава е исто така означен како еден од проблемите.
„Владата постигна напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, но остануваат проблемите, вклучително и слабата независност на медиумите и насилството и заплашувањето на новинарите“,
се вели во извештајот.
Забелешката е дека медиумите во Северна Македонија во голема мера и натаму се поделени по политичка линија, но сепак, се нагласува дека има зголемување на медиумите кои изразуваат различни позиции.
Во извештајот наведено е дека Владата има поголема почит кон независното судство, отколку што тоа било случај претходните години, а исто така Северна Македонија покажала и решителност за јакнење на правосудниот систем, донесувајќи пресуди за некои случаи на СЈО.
Нотиран е одреден напредок во однос на борбата против корупцијата, но сепак доминантната улога на Владата во економијата создава можност за корупција, особено поради тоа што државата преку јавната администрација е најголем работодавач.
На светско ниво, како што јави Гласот на Америка, значајни прекршувања на човековите права се регистрирани во Иран, Кина, Саудиска Арабија и Венецуела
САД ги обвинуваат авторитарните влади ширум светот за сериозни „повреди и злоупотреби на човековите права“ за да контролираат какви било активности што можат да ја загрозат нивната моќ.
„Искуството покажува дека владините службеници кои угнетуваат, злоупотребуваат и толерираат негирање на човековите права на сопствениот народ, исто така се одговорни за создавање социјални средини што се зрели и за економска и за хуманитарна криза и кои поттикнуваат корупција, насилен конфликт и тероризам“
изјави државниот секретар на САД, Мајк Помпео.