Премиерот Ковачевски смета идејата на ВМРО ДПМНЕ за референдум се користи само за нивна внатрешно политичка употреба. Одговарајќи на прашањето на пратеникот Бојан Стојановски, зошто СДСМ се плаши да организира референдум, тој посочи дека партијата која предлага народно изјаснување, има сериозен проблем со референдумско прашање, но и со стратешката и идеолошка позиција.
„Вие не знаете какво референдумско прашање сакате. Вие сакате референдумско прашање – дали сте против зачленување во ЕУ со чист македонски јазик и заштитен македонски идентитет. По првата меѓувладина конференција во Брисел, сите протести и сите лаги ви паднаа во вода. Поради тоа што го прававте, на ова место, на вашиот координатор Никола Мицевски, треба да седи Димитар Апасиев. Политиката што ја водите, на штитење на интереси на трети држави е најпогубното нешто што може да им го прави некој на граѓаните на Македонија. Вие имате проблем што сте против сите стратешки одлуки кои ги носи оваа држава. Тоа треба да го расчистите на идеолошко ниво во партијата. Вие бевте против членството во НАТО. Ако некоја партија беше против релаксирањето на меѓуетничките односи, тоа беше вашата партија. Ако некој е против членството во ЕУ, тоа е вашата партија. Тоа се факти, кои се потврдуваат со извештаите од гласањето во парламентот. Такво бегање е невидено. За ништо немате гласано. Па, барем гласајте против. Не бегајте. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции, што и да правите, нема да ја скршенете ниту лево, а уште помалку ќе ја скршнете десно, кон исток. Затоа, прво седнете внатре во партијата и одлучете дали сакате оваа држава да оди кон полноправно членство во ЕУ или не сакате“,
кажа Ковачевски од собраниската говорница.
Пратеникот Стојановски од ВМРО ДПМНЕ му порача на премиерот дека се обидува да го заобиколува одговорот и прави вербални слаломи, но кога тогаш тој ќе мора да се соочи со народот и ќе го носи срамот за одлуката што ја донесол.
„Ако ова е историски успех, ако ова е неповторливо, ако се отвораат портите на рајот и од утре ќе почнат да доаѓаат инвестиции и народот ќе живее подобро, повелете на референдум. Ајде да излеземе и народот да каже. Во однос на прашањето, идејата на Пендаровски е добра појдовна основа. Охрабрете се и консензуално да донесеме одлука за прашањето за референдум. И да излеземе и да се соочиме со народот“,
рече Стојановски.