Универзитетот Харвард преминува на виртуелна настава поради пандемија на новиот коронавирус. Менаџментот побара од студентите да ги напуштат студентските домови за пет дена, соопшти портпаролката на Универзитетот, Рејчел Дан.
„Ги замоливме студентите на Харвард да ги напуштат собите до недела, 15 март. Целата академска настава ќе се одржува на далечина“,
истакна Дан за Си-Ен-Ен.
Друг портпарол на Харвард, Џејсон Њутон додаде дека сите состаноци во кампусот по 23 март ќе бидат виртуелни.
Претседателот на Харвард, Лоренс Бекоу потврди дека Универзитетот во Кембриџ, Масачусетс, ќе премине на одржување настава преку интернет од 23 март, првиот ден по пролетните празници.
„Целта на овие измени е да се намали потребата за собирање во големи групи и долготрајно минување време во затворени простории, како што се училниците, трпезариите и станбените згради. Знам дека на нашите студенти ќе им биде тешко да ги напуштат своите пријатели и училници. Одлуката е донесена многу тешко и правиме се за да ве заштитиме вас, но и останатите членови на нашата заедница кои можеби се чувствителни на оваа болест“,
додаде Бекоу.
Досега во САД се регистрирани 1.109 заразени лица, а има 31 смртен случај.
Светската здравствена организација им порачаа на националните влади дека е време за агресивни акции, сега кога избувнувањето на коронавирусот стигна до нивото на пандемија.
Директорот на СЗО Тедрос Адхнанон Гебрејесус изјави дека со прогласувањето на пандемија земјите се повикани да развиваат свои механизми за реагирање во вонредни состојби, пренесуваат американските медиуми.
„Подгответе ги своите болници, заштитете и облечете ги своите здравствени работници и да внимаваме едни на други бидејќи сме си потребни едни на други“,
советуваше денеска Тедрос.
Доктор Мајк Рајан, шеф на програмата на СЗО за вонредни ситуации, упати отворено предупредување за итноста на вонредната состојба во здравството.
Рајан изјави дека Иран и Италија сега се во првите борбени линии.
„Тие страдаат, но можам да ви гарантирам дека наскоро и други земји ќе се најдат во таа ситуација“,
рече тој.