Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми
Од денеска почна исплата на јулските пензии, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Пензиите кои од почетокот на пандемијата на ковид-19 се исплаќаат предвремено, лицата кои користат платежни картички ќе ги имаат на располагање од денеска. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Пензионерите кои не користат картички ќе може етапно да ги подигнуваат преку филијалите и експозитурите на банките.
Први, од денеска, ќе можат тоа да го сторат корисниците кои имаат пензии со висина до 11 000 денари. Утре е втората група, односно оние кои се стекнале со пензија во висина до 14 илјади денари, а в петок пензијата од банките ќе може да ја подигнат и корисниците чија пензија стигнува до 18 илјади денари.
Последната група, која има право на пензија над 18 001 денари, до неа ќе може да стасаат на почетокот на наредната недела, односно од понеделник.
Од ресорното министерство упатуваат апел кон пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред и во банките со цел заштита на личното и јавното здравје.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.