Со еден армиски и еден полициски хеликоптер се гасне пожарот во Криволак, кој е најголем од вкупно трите кои се активни во земјава. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, по обиколката на пожарите рано утрово вели дека воените магацини се дополнително осигурани и обезбедени. Информираше и за другите пожари.
„Вториот пожар е нов пожар кој го забележавме за време на хеликоптерското извидување и се наоѓа во атарот на с. Калуѓерица во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица каде е зафатена дабова шума и постоеше можност за проширување но благодарение на брзата интервенција на ТППЕ Радовиш пожарот е ставен под контрола“,
објави Ангелов на фејсбук.
Третиот пожар кој е активен од вчера е во атарот на с. Требичино, во општина Василево.
„Пожарот во текот на ноќта го намали својот интезитет, чади на некои места но нема видлив активен оган. Во овој момент на самото место се екипи на ТППЕ Струмица. Доколку се разгори дополнително ќе се донесе одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот“,
вели тој.
Ангелов посочува дека во состојба на подготвеност за дејство е и ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.
