Пратеничката од редовите на ЛДП, Моника Зајкова, ги повика пратениците од македонското Собрание да се обединат и да помогнат во намалувањето на пожарите. Таа предлага сите пратеници да потпишат Апел до граѓаните за зголемена претпазливост при движење на отворен простор и во шума и потоа истиот сите да го обjават на социјалните мрежи, за да ја кренат свеста кај граѓаните.

„Сметам дека ова е едно од многуте клучни прашања коешто треба да наиде на поддршка и од сите политички партии, особено земајќи ја во предвид неговата економска димензија и висината на средствата кои што се трошат од државната каса, но најмногу заради уништените шуми и национално богатство, за кое што и те како е редовно време е да научиме да си го сакаме и чуваме како што му доликува“,
објави таа на Фејсбук.
Кревањето на свеста е важно прашање, појаснува Зајкова, имајќи го во предвид фактот дека речиси 95% од шумските пожари се предизвикани од човекот.
„Ајде сите да работиме за доброто на граѓаните и државата, да покажеме обединетост, иницијативност и проактивност за прашања што не засегаат не само нас, туку и нашите деца, внуци… Сите ние треба да се запрашаме и да размислиме што сакаме да им оставиме во наследство на идните генерации“,
ги повикува Зајкова своите колеги.
Како превентивни мерки за заштита од пожари, во моментов се активни забраните за ограничено движење во шуми и шумски појаси и за палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци.
И покрај тоа, деновиве избувнаа пожари на неколку локации низ Северна Македонија, а најголемите и најтешките за гаснење во беровскиот регион.
