Јавна опомена за докторката Нина Цаца Биљановска и барање да се поведе постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој е единствен независен и надлежен орган на Комората што може да расправа за одговорноста на лекарите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија и да носи одлуки за евентуално привремено или трајно одземање на лиценцата за работа.
Ова е заклучокот од вонредната седница на Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора, на која се расправаше за етичкиот аспект на однесувањето на докторка Нина Цаца Биљановска, која откако се вратила од Италија, спротивно на препораките, продолжила со извршување на работните задачи и цела недела одела на работа.
„Лекарската комора остро ја осудува постапката и однесувањето на доктор Нина Цаца Биљановска, поради тоа што со непочитување на препораките за домашна самоизолација, кои важат за сите граѓани кои доаѓаат од високо ризични земји за пренесување на коронавирусот, предизвикала морално-етичка и правна одговорност. Етичките принципи на хуманост и почитување на личноста и животот го обврзуваат докторот на медицина со своето однесување да води грижа, а не да им наштетува на своите колеги и пациенти, како и да биде спремен да преземе одговорност за своето постапување, не само спрема пациентите и колегите, туку и спрема заедницата во целина“,
се вели во соопштението од Лекарската комора на РСМ.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера, по консултација со Антикорупциската комисија, поради итноста, ја разреши Цаца Биљановска од директорка на Клиниката за кожни болести.
Од Обвинителството за „360 степени“ вчера изјавија дека сѐ уште е рано за кривично-правна интервенција против докторката.
Во Кривичниот законик постојат две дела, едното е пренесување заразна болест и другото е непостапување по здравствените прописи за време на епидемија.
Поради неодговорноста на лекарката, речиси 200 лица се во домашна изолација – членови на нејзиното семејство, вработени на Клиниката, пациенти кои биле хоспитализирани или доаѓале во дневната болница и учесници на семинарот кој се одржал во саботата и на кој присуствувале 103 гости, од кои тројца и од Грција.