Оваа одлука на ЕУ ни ја зајакнува посветеноста за реформи кои го преобразуваат и јакнат нашиот регион, а следствено на тоа тоа и Европа, рече косовскиот премиер на денешната владина седница
Косовскиот премиер Албин Курти денешната седница на косовската влада ја започна со честитки до Северна Македонија и Албанија за вчерашното отворање на пристапните преговори со Европската унија. Курти оцени дека вчерашниот ден бил многу значаен не само за двете земји туку и за целиот Западен Балкан и за неговиот пат кон интеграцијата во ЕУ.
„Уште еднаш им го честитам на Република Албанија и на Република Северна Македонија отворањето на преговорите за членство во ЕУ. Ние се радуваме на ова историско достигнување на двете земји. Оваа одлука на ЕУ ни ја зајакнува посветеноста за реформи кои го преобразуваат и јакнат нашиот регион, а следствено на тоа тоа и Европа“,
изјави Курти.
Косовскиот премиер вчера честитки за отворањето на преговорите до двете земји упати и преку социјалните мрежи, а честиташе и претседателката на Косово, Вјоса Османи.