Министерот за здравство Беким Сали денеска, со почеток од 11 часот, одржува прес-конференција на која се очекува да објави повеќе детали за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“ по објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија.
Министерот Сали во понеделникот кажа дека е пратен допис до Државниот здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во Kлиничката болница „Жан Митрев“ и дека Агенцијата за лекови Малмед веќе иницирала вонреден инспекциски надзор за да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација.
Целта на извештајот, како што рече, ќе биде да ја констатира фактичката состојба и да ги адресира сите сознанија до кои ќе се дојде.
Од ИРЛ информираа дека по објавувањето на документарното истражување, до нивната редакција стигнале стотици пријави од граѓани за неправилности и злоупотреби во рамки на државниот и приватниот здравствен систем.
Во документарецот сведочи семејството Брезеви, кои изгубиле член, кој се лекувал во болницата. Сопругата на починатиот раскажува дека покрај лекувањето на ковид, нејзиниот сопруг добил низа интрахоспитални инфекции, а бил подложен и на хемофилтрација на крвта.
Обвинителството пред два дена извести дека ќе отвори предмет по допрен глас.
Реакција на Обвинителството доаѓа откако истражувањето на ИРЛ покажа дека приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој, практичн, бил клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.
Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган.
