Околу 150 илјади мигранти заминале за Грција откако Анкара реши за нив да ги отвори границите, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По заострувањето на состојбата во сирискиот регион Идлиб, Турција реши повеќе да не го сопира мигрантскиот бран и да ги отвори своите граници кон ЕУ.
„Ние цели 9 години ги чувавме, а тие сакаат да одат во Европа. Јас постојано укажував, ако не го делиме товарот, ќе ги отворам вратите. Тие мислеа дека се шегувам. Но јас ги отворив вратите. Сега нашите гости си тргнаа, а ние не сме обврзани да ги запираме. Околу 150 илјади заминаа за Грција, од каде што сега се обидуваат насила да ги вратат“,
рече Ердоган во своето обраќање пред пратеничката група на владејачката Партија на правдата и развојот.

Според турскиот лидер, мигрантите немаат намера да останат во Грција.
„Никој не ѝ забележува на Грција, а таа врши злосторство против човештвото напаѓајќи ги мигрантите. Тоа е варварство, се пука врз луѓе што сакаат да си ги спасат своите животи и да им обезбедат иднина на своите деца. Јавно им велам на грчките власти, отворете им ги вратите за да поминат преку вашата територија и да си одат таму каде што сакаат, во побогатите земји“,
изјави Ердоган.