Министерството за здравство веќе покренало неколку чекори по објавувањето на новинарскиот истражувачки документарец „Нечиста крв“ на ИРЛ, во кој се тврди дека методот за лечење на болни од ковид-19 со хемофилтрација на болницата „Жан Митрев“, всушност, бил клиничка студија, а не докажан и успешен начин за кој пациентите плаќаа десетици илјади евра.
Информацијата ја соопшти министерот за здравство, Беким Сали, на прес-конференција која се одржа подоцна попладнево.
Сали кажа дека информациите во документарецот биле примени со загриженост и објасни што точно презел до овој момент.

„Под еден, пратен е допис до Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш да се направи вонреден инспекциски надзор во клиничката болница ‘Жан Митрев’. Исто така, побарав информација од инспекторатот дали во периодот од последните три години се спроведени редовни и вонредни надзори и кои се резултатите од нив. Во истиот момент кога ќе ја добијам информацијата, транспаретно ќе ја информираме јавноста преку вас медиумите.
Второ, Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) веќе иницираше вонреден инспекциски надзор во однос на постапката за тоа дали е почитувана или не е почитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрацијата како метод на лекување на ковид-19. Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во клничката болница ‘Жан Митрев’ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден, кога истекува рокот да се изјасни клиничката болница ‘Жан Митрев’.
Третата постапка што повторно ја актуелизираме пред Лекарската комора на Северна Македонија е спроведување на бараните стручни надзори на лекувањето на пациентите во клиничката болница ‘Жан Митрев’. Од извештајот очекувам неколку елементи како краен резултат. Јасно утврдување на системски недоследности за кои одговорно тврдам, сите кои се во моја надлежност, како министер ќе ги исправам во најкус можен рок. Извештајот ќе има за цел да ја констатира состојбата и истиот јас лично ќе го доставам до надлежните институции за понатамошно постапување“,
изјави министерот за здравство, Беким Сали.
Министерството и тој лично, кажа Сали, мора да ги добијат сите информации за да ја имаат севкупната слика за на јавноста да и достават само издржани и релевантни информации. И уште поважно, кажа Сали, семејствата на пациентите заслужуваат да имаат транспарентно севкупна информација.
„Мојата одговорност како човек е исклучитено голема да им доставам и да ги адресирам сите сознанија до кои ќе дојдеме. Ја поздравувам постапката на јавното обвинителство и ве уверувам дека Министерството за здравство целосно стои на располагање“,
рече Сали.
Својата прес-конференција Сали ја заврши со реченицата: „Во Република Северна Македонија нема недопирливи, а одговорност, доколку се утврди, ќе има“.
По завршувањето на пресот, министерот кажа дека закажува нов настап пред јавноста за задутре, кога очекува да ги има наодите од инспекциските надзори. Времето кореспондира со информацијата што попладневно ја соопштија од Владата – дека го задолжиле Сали да достави комплетна информација за лекувањето на пациентите болни од ковид-19 во „Жан Митрев“ во рок од два дена.
Синоќа на МТВ беше објавен документарец изработен од Истражувачката репортерска лабораторија во кој се тврди дека приватната болница во која се лекуваа најмногу ковид-19 пациенти, користела метод што, практично, бил клиничка студија. Студијата, сепак, не била пријавена и одобрена од МАЛМЕД, а пациентите биле доведени во заблуда дека станува збор за испробан и ефикасен механизам. Болницата, открија од ИРЛ, се соочила со голем број интрахоспитални инфекции при лекувањето со хемофилтрација, а ниту еднаш не ги изестила надлежните за тоа, иако има законска обврска.
Сопственикот на болницата, Жан Митрев, пред новинарите на ИРЛ тврдеше дека ги известиле надлежните за интрахоспиталните инфекции, иако на моменти не беше 100% сигурен. За хемофилтрацијата, тврдеше дека е одобрена во САД (според ИРЛ одобрена е само за тешки случаи) и дека во Германија дала позитивни резултати (во документарниот филм доктор Жан Митрев не успева да го наведе изворот на таа информација на прашање на новинарката).