Груби, Маричиќ, Османи, Костадиновска-Стојчевска и Алити ќе бидат дел од делегацијата што ќе ја предводи премиерот. Дел од агендата е средба на Ковачевски со фон дер Лајен, како и работен ручек на делегацијата со еврокомесарот Вархеји
Владина делегација во состав од неколку министри утре ќе учествува на првата меѓувладина конференција со ЕУ во Брисел, а ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, најавуваат од владината прес-служба.
Од владата попладнево официјално ја објавија агендата за утре нагласувајќи дека меѓувладината конференција е од историско значење бидејќи со неа се означува отпочнување на преговорите за полноправно членство на земјава во ЕУ.
Според агендата, предвидено е Ковачевски заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, да имаат средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, а за утре е најавен и почеток на скринингот за ЕУ.
„Во рамките на историската посета на Брисел за утре е најавено и започнувањето на скринингот за Република Северна Македонија и работен ручек на премиерот Димитар Ковачевски со еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеји, на кој ќе присуствуваат и двете делегации“,
велат од Владата.
Дел од нашата делегација предводена од Ковачевски ќе бидат и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и други високи претставници од владата.
Првата меѓувладина конференција следува откако во саботата Собранието ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а владата потоа одлучи истиот да го прифати. По прифаќањето вчера се случи и потпишување на билатералниот протокол помеѓу Скопје и Софија.