Наредниот протест е закажан за утре напладне кога во македонското Собрание ќе се расправа за францускиот предлог, а пред пратениците предвидено е да се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Протестот под мотото „Ултиматум – не, благодарам!“ продолжува и денеска. Протестниот марш ќе биде на старата маршрута, од Владата преку Министерството за надворешни работи до Собранието.
Организаторот ги повика граѓаните масовно да излезат и да протестираат мирно и достоинствено.

„Во предвечерието на расправата во Собранието за предлогот кој ја бугаризира Македонија да излеземе масовно, да протестираме мирно и достоинствено. Пред владата во 19 часот, преку МНР до Собрание. Да порачаме дека Македонија не е на продажба, дека информацијата и да помине во Собранието, уставните измени не смеат да поминат. Ултиматум, НЕ благодарам!“,
повикаа организаторите на протестот „Ултиматум – не, благодарам!“.
Наредниот протест, пак, е закажан за утре напладне кога во македонското Собрание ќе се расправа за францускиот предлог, а пред пратениците предвидено е да се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Од политичката партија Левица велат дека нивните активисти кои кампуваа пред Владата од денес ќе се префрлат пред Собранието и ги повикаа граѓаните да им се придружат утре напладне.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека ќе бидат преземени сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом во однос на утрешната седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог.
Министерот Оливер Спасовски рече дека министерството ги прави потребните анализи, ги собира потребните податоци и информации во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата.
МВР упати и апел до граѓаните да не дозволат да бидат вовлечени во ничии сценарија и насилни инциденти, бидејќи, како што предупредуваат, ќе бидат преземани најригорозни мерки и нема да се толерира нарушување на мирот и безбедноста.
„Секој дијалог треба да се води во институциите на системот, а македонската полиција останува гарантот за безбедноста на тие институции, на државата и нејзините граѓани“, се подвлекува во соопштението од МВР.
Исто така, МВР апелира до граѓаните, доколку било кој препознае некого од насилниците кои на 04 овој месец фрлаа со тврди предмети кон полицискиот кордон и објектот на Собранието, при што беа повредени четворица полициски службеници, тоа да го пријави на телефонскиот број 192 или во најблиската полициска станица.
