Оној кој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино спречувањње, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
Вака гласи Член 206 од Кривичниот законик, на кој денеска се повика министерот за здравство Венко Филипче.

„Физичките и правните лица што нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Ленот 205 од КЗ пак предвидува различни казни во зависност од кршењето на прописот или наредбата дадена од надлежен орган, во конкретниот случај тоа е Министерството за здравство, односно Владата.
Министерот Филипче информираше дека Владата ги прифати дополнителните мерки на Комисијата за заштита од заразни болести и во следните 14 дена се прекинува наставата во градинките, основните и средните училишта, универзитетите и научните институти во целата држава.
„На еден од родителите на дете до 10-годишна возраст ќе му се дозволи отсуство од работа и тоа ќе му биде платено. Ќе го известиме и Министерството за труд и социјална политика. Притоа, сакам да упатам апел да се почитува мирувањето и седењето дома, односно да не се случи масовна посета на игротеки. Во тој случај, оваа мерка не би имала смисла“,
соопшти министерот Венко Филипче.
Се прекинуваат сите автобуски линии за Италија и Франција. Исто така се воведуваат т.н. „хелт локатор картички“ за сите летови и компании, а се зајакнуваат и волонтерите на Црвениот крст на сите гранични премини.
Капацитети на Инфективната клиника се целосно подготвени. Ниту еден од хоспитализираните нема потреба од респираторна машина. Се воведува задолжителна самоизолација за сите лица што доаѓаат од жариштата на коронавирусот. Им се забранува на економските оператори да извезуваат медицинска опрема, средства и материјали.
Исто така, се забрануваат јавните собири и настани со над 1 000 учесници, а во следните 30 дена спортските натпревари мора да се одржуваат без публика.