Предвидени се и мерки за вработените родители на учениците, како и за бизнисите погодени од ситуацијата со новиот вирус
Во следните 14 дена се затвораат сите образовни институции во Грција, превентивно за да се намали ширење на коронавирусот.
Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, соопшти дека привремено се затвораат сите приватни и државни градинки, училишта, универзитети.
„Сите треба да покажеме индивидуална одговорност, а во конкретниот случај родителите да ги ограничат децата, бидејќи мерката се однесува на намалување на ширењето на вирусот. Сега е момент кога сите Грци треба да покажеме одговорност“,
рече Кикиљас.
Министерот за здравство на Грција додаде дека се предвидени и мерки за вработените родители на учениците, како и за бизнисите погодени од коронавирусот.
Според информации на МИА, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој вечерва се враќа од Австрија, во текот на утрешниот ден ќе излезе со соопштение за мерките за избегнување на дополнително ширење на вирусот, за заштита на јавното здравје и за справување со економските последици.
Во Грција се регистрирани вкупно 89 случаи на заразени со Ковид-19.