Ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство, соопшти денеска Стојанче Ангелов, лидер на оваа партија која е дел од владината коалиција. Во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук тој наведува и од кои причини смета дека предлогот треба да се одбие.
„Мене лично особено ме иритира тоа што убедливо мнозинство Бугари, од кои повеќето сакаат да се прикажуваат како наши браќа, даваат неспорна поддршка на бугарскиот Парламент и бугарската Влада за блокадата на Македонија на патот кон ЕУ. Барем така кажуваат честите анкети за испитување на јавното мислење во Бугарија. Претпоставувам тие се свесни дека со оваа блокада директно ги оневозможуваат придобивките за Македонија кои би се појавиле со самиот почеток на преговорите со ЕУ. На тој начин бугарските граѓани посредно, преку нивниот Парламент и Влада, придонесуваат Македонците и сите македонски граѓани да живеат полошо отколку кога Македонија би добила датум и би ги започнала преговорите со ЕУ. Значи, мнозинството од нашите бугарски “браќа” се согласни нивните “браќа“ Македонци да трпат голема штета само затоа што мислат и чувствуваат поинаку од нив. Само затоа што мислат, зборуваат и се чувствуваат како Македонци“,
напиша во објавата Ангелов.
Тој додава дека неговиот став е „да“ за ЕУ но „не“ по секоја цена.
„За нас во Достоинство ЕУ нема алтернатива и преговорите со Бугарија мора да продолжат сè до наоѓањето на некое пристојно и прифатливо решение. Но, ваков каков што е, модифицираниот француски предлог е неприфатлив за мене како човек но и за нас како политичка партија Достоинство. Воедно, како неформален лидер на поголем дел од македонските бранители, одговорно тврдам дека за нас македонските бранители кои во 2001-та се боревме и крваревме за татковината Македонија, овој предлог е неприфатлив“,
нагласи Ангелов.
Според него, можноста да влеземе внатре во ЕУ е прилично мала и неверојатна, не само поради бугарските кочници кои се уфрлени во некои компоненти на модифицираниот француски предлог, туку и поради неискрената политика на некои од клучните држави членки на ЕУ кои декларативно се, но реално не се расположени за можноста држави од Западен Балкан да станат дел од европското семејство.
„Затоа овој наш јасно изграден став не треба да се толкува како напад врз власта во која партиципираме и ние самите, туку како отворен и конструктивен придонес во широката јавна расправа бидејќи, како што впрочем соопшти и самата Влада, одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и со согласност на сите клучни политички фактори. Во секој случај, доколку нашиот јасно изграден став за т.н. модифициран француски предлог ѝ нанесува неприфатлива штета на Владата, подготвен сум да ја понудам мојата оставка на позицијата директор на Центарот за управување со кризи, а со тоа и на позициите раководител на Главниот штаб за управување со кризи, раководител на Групата за процена и член на Управувачкиот комитет. Во спротивно, Достоинство и понатаму останува дел од владејачката коалиција задржувајки го правото на јавно искажување на различни ставови за одредени општествени настани, процеси или состојби, додека јас како владин функционер и понатаму максимално професионално ќе продолжам да го предводам кризниот менаџмент“,
вели Ангелов во својата објава на Фејсбук.