Европратеникот и известувач за новата стратегија за проширување на ЕУ вели дека Македонија со право може да биде незадоволна од политиката за проширување на Унијата зашто и покрај тоа што си го смени името ништо не се случи, и тоа по вторпат
Пратеникот во Европскиот парламент и известувач за новата стратегија за проширување на Европската Унија, Тонино Пицула, рече дека одлуката да им се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина и Молдавија е добра вест за Западен Балкан бидејќи на некој начин тоа дава нов момент на проширувањето на Унијата.
Таа одлука ја направи политиката на проширување повторно геостратегиска потреба на ЕУ и останува на земјите од Западен Балкан да ја искористат, рече Пицула во емисијата „Скрининг“ на порталот „Јуропијан Вестерн Балканс“.
Тој додаде дека не секој има право да биде разочаран, туку само оние што направиле нешто, односно оние што направиле и повеќе од она што вообичаено се бара, во смисла на некакво стандардно пристапување кон Унијата.
„Пред сè тука мислам на Северна Македонија, која го смени дури и името на државата. За да добие датум за почеток на преговори, земјата не промени некаков сет еколошки закони или, пак, даночниот систем, државата си го промени името и потоа ништо не се случи, и тоа по вторпат. Да не заборавиме дека токму францускиот претседател го блокираше почетокот на преговорите, а сега тоа го сторија нивните први соседи Бугарите. Исто така, право да биде незадоволна има и Албанија, која направи сериозна интервенција во судството. Но, некои други од Западен Балкан не направија доволно“,
рече Пицула и додаде дека смета оти во втората половина од оваа година, доколку дојдат добри вести од Западен Балкан, може да се видат некои промени во статусите.
Запрашан за добивањето кандидатски статус за Украина, но не и за Босна и Херцеговина, тој рече дека Украина е земја во војна и има надворешни закани, додека на БиХ никој однадвор не ѝ се заканува.
„БиХ е загрозена земја однатре. Тоа е земја која е во десетгодишна блокада поради постапките на домашните политичари, кои имаат проевропски наратив на нивните усни, но прават малку за да ги исполнат критериумите. Одговорноста не е пред сè на Брисел туку на политичарите кои ја водат таа земја“,
рече Пицула.
На прашањето што може да очекува Западен Балкан за време на чешкото претседавање со ЕУ, тој рече дека тоа ќе ја нагласи солидарноста на ЕУ во помагањето на Украина, но и дека, според него, вниманието мора да се фокусира на она што се случува на Западен Балкан.
На прашањето дали Западен Балкан може да падне во замка, тој рече дека „не е на Брисел да ги отпише долговите, туку на државите од Западен Балкан да спроведат реформи“, а тој го гледа Западен Балкан како клучна важна геостратегиска област за реализација на ЕУ како влијателна геополитичка сила.
Како што рече, колку што политиката на една земја е усогласена со политиките и вредностите на ЕУ, причините за бавен напредок ќе се намалуваат.
„Не можете да очекувате брз или нормален напредок од земја како Србија, која има толку низок процент на усогласеност со заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ“,
посочи Пицула.