Италијанскиот спортски весник „Тутоспорт“ најавува дека националните фудбалски асоцијации прават притисок врз УЕФА за одложување на Европското првенство во фудбал
Првенството се смета за историско бидејќи ќе се одржува во 12 европски града, а домаќин на дел од натпреварите е Рим, еден од најпогодените градови од коронавирусот. Италијанскиот весник пишува дека се бара европскиот шампионат да биде одложен за една година.
Како причина се наведува огромниот притисок што врз УЕФА го прават националните федерации кои имаат проблеми успешно да ги завршат сезоните дури и во домашните првенства.
„Притисокот е сè поголем, а идејата за одложување сериозно се разгледува. Речиси сите федерации го побараа тоа. Од ден на ден се зголемува опасноста да дојде до одложување, без оглед на плановите и желбите на УЕФА. За жал, ова што се случува е виша сила“,
пишува „Тутоспорт“.
Според весникот, на идејата за одложување засега се противи првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.
Нашата репрезентација е една од кандидатките за учество на ЕУРО 2020. Таа, место во најквалитетното европско натпреварување ќе бара преку бараж-натпреварот од полуфиналниот плејоф во Лигата на нациите кој ќе го одигра со Косово на 26 март на Националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје.
Сосема е извесно дека овој натпревар, согласно превентивните мерки за коронавирусот, ќе се игра без публика. Доколку го совлада Косово, финалниот натпревар за пласман на ЕУРО 2020 ќе го игра на гости против подобриот од двомечот меѓу Грузија и Белорусија.