Мишел истакна дека овој период е од клучна важност за одлуки за напредокот на државата од економски, политички и социолошки аспект
На денешната 58-ма владина седница, покрај премиерот Ковачевски и членовите на Владата, свое обраќање имаше и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој уште еднаш ја потенцираше силната поддршка и заложба за отпочнување на преговорите со Северна Македонија
Мишел воедно истакна дека овој период е од клучна важност за одлуки за напредокот на државата од економски, политички и социолошки аспект. Пред министрите, пак, беше потенцирано дека „францускиот“ предлог за отпочнување на преговорите за Северна Македонија ги вклучува сите македонски позиции и забелешки и беше нотирано дека по одобрувањето на истиот, преговорите можат веднаш да започнат.
„Знам колку е посветена вашата земја, колку вашиот народ е посветен на слободниот свет, на демократските вредности и начела. Дозволете ми искрено да ви кажам како пријател дека оваа можност е премногу важна за да се пропушти. Никогаш не сме биле толку блиску. Македонци имате историска можност да кажете ’да‘. ’Да‘ на почетокот на преговорите, на ЕУ, за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето. Тоа ќе внесе нова динамика, овие реформи ќе ве приближат до ЕУ, ќе доведат до поголем просперитет, стабилност и отпорност на вашиот народ. Може да сметате на политичка и финансиска поддршка и, она што е уште поважно, на наше почитување и лојалност. Само заедно можеме да се соочиме со огромните предизвици со кои се соочуваме. Само заедно можеме да живееме во просперитет и безбедност и само заедно може да ги надмине најголемите пречки. Цврсто сум уверен дека тоа може да го направиме сега“,
рече Мишел на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски по седницата.
Високиот претставник на Европската Унија денеска е во еднодневна посета на нашата земја, а покрај со Ковачевски тој се сретна и со претседателот на државата Стево Пендаровски, а попладнево е на средби во Собранието.