Министерството за надворешни работи денеска објави препорака до граѓаните на Македонија да не патуваат во Италија поради состојбата со коронавирусот.
„Со оглед на рапидноста на развојот на настаните со ковид-19 во Италија, препорачуваме нашите граѓани да не патуваат на целата територија на Италија. За оние граѓани што веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време и да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти“,
соопшти МНР.
Генералниот конзулат на нашата земја во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион, како и заради понатамошна превенција од ширење на вирусот, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.
За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани што се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат нашиот Генерален конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или [email protected].
Од МНР посочуваат дека преку нашите дипломатско конзуларни претставништва продолжува будно да се следи состојбата со коронавирусот за што граѓаните соодветно ќе бидат информирани. Официјални информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.