Почна состанокот на Советот за безбедност, на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија.
Состанокот се одржува во кабинетот на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Покрај постојните членови на Советот (премиерот Димитар Ковачевски, спикерот Талат Џафери, министрите Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, Бујар Османи, професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски), на состанокот присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

По завршување на средбата, најавена е изјава на шефот на државата.
По добивањето на предлогот на француското претседателство, премиерот Ковачевски одржа консултативни средби со лидерите на владината коалиција, со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите. Тој тврди дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Северна Македонија.
Денеска во 15 часот, Ковачевски ќе се сретне со лиедрот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Клубот на пратеници.