Францускиот министер за култура Франк Ристер е заразен со новиот коронавирус, соопшти денеска неговиот кабинет, дополнувајќи дека е во „добра форма“ и е во домашна изолација во Париз.
„Министерот денеска се тестираше откако тој покажа симптоми. Тој помина неколку дена во парламентот минатата недела, каде се потврдени повеќе случаи на инфекцијата“,
се вели во соопштението.
Петмина пратеници и двајца вработени во францускиот Парламент се заразени со вирусот, од кои двајца учествувале на состаноците на Комисијата за прашања од културата.
Во Франција, потврдени се 1.412 случаи на коронавирус, а 25 се починати, од кои четири смртни случаи се пријавени денеска
Во Италија од новиот коронавирус досега починаа 463 лица, односно 97 повеќе од вчера. И, бројот на заразени се зголеми за 1.797 за 24 часа, така што вкупно 9172 лица се заразени во земјата, изјави италијанскиот комесар за здравство Анџело Борели.
Според тие податоци, 333 луѓе починале само во регионот на Ломбардија, а заразени се 5.469.
Во болниците има 2.820 лица, од кои 440 се на интензивна нега. Борели рече дека 724 лица оздравеле во меѓувреме, пренесува АНСА.
Во Италија, бројот на смртни случаи и заразени со вирусот драматично се зголеми и покрај воведувањето на карантини во Ломбардија и други области на северот и новите радикални мерки на Владата за борба против ширењето на коронавирусот.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте оцени денеска дека Италија го проживува својот најмрачен момент, но изрази увереност дека доколку се почитуваат правилата земјата ќе ја надмине ситуацијата.
„Ова е нашиот најмрачен час, но ќе го надминеме“,
изјави Конте за италијанскиот весник „Република“.
Тој ги повика сите региони ефикасно да ги спроведуваат мерките на Владата.
Што се однесува на борбата на економски план, Конте посочи дека Италија ќе мора да примени „силна шок терапија“ и оти ќе биде потребен ефикасен план за обнова во сите области.
Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 111.758 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 3.891 лице, а 62.679 оздравеле.
Претседателот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска потенцираше дека заканата за пандемија е „многу реална“.
„Заканата е реална. Но тоа би била прва пандемија во историјата која би можеле да ја контролираме. Мора да запомниме дека со секоја правовремена одлука можеме да го забавиме коронавирусот и да спречиме нови зарази. Меѓу оние кои се заразени, повеќето ќе оздрават“,
вели претседателот на СЗО.
Во Кина веќе 70 отсто од заболените оздравеа, појасни Гебрејесус, истакнувајќи дека дури 93 отсто од сите случаи на зараза се забележани во само четири држави. Тој додаде дека се потребни до шест седмици за лице да се опорави од коронавирус, додека кај потешките случаи тој период може да биде и неколку месеци.