Потврден е првиот случај на коронавирус меѓу вработените во Европската комисија. Како што информираше портпаролката, станува збор за жена која минатата недела се вратила од Италија.
Во Европската комисија се вработени околу 32.000 луѓе.
Минатата недела Европската агенција за одбрана, уште едно тело на ЕУ, пријави случај на коронавирус меѓу вработените, а станува збор, исто така, за службеник кој патувал во северниот дел на Италија.
Советот на ЕУ, исто така, одлучи да ги испрати дома речиси 50 вработени, бидејќи двајца биле позитивни на новиот вирус.
Само во Белгија бројот на заразените со Ковид-19 достигна 239 луѓе.
Според последните податоци, во светот досега се регистрирани 111 381 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починале 3 882 лица, а 62 661 оздравеле.
Припадник на персоналот на НАТО во главното седиште во Брисел денеска беше потврдено дека е позитивен на новиот коронавирус. Тој кон крајот на минатата недела се вратил од одмор во Северна Италија и не се чувствувал добро, по што бил тестиран.

Во Италија е воведена казна до 206 евра за сите оние што ќе ја прекршат забраната за движење, без да имаат соодветно оправдување. Казната може да биде преиначена или затвор до три месеци.
Едно лице кое работело на одржување на комплексот „Дизниленд“ во Париз е позитивно на новиот коронавирус, соопшти портпаролот на паркот. Тој рече дека вработениот не бил во контакт со посетители и оти забавниот парк останува отворен.
Во Париз ќе биде ограничена посетата на „Лувр“. Француската Централна банка ја намали прогнозата за раст во првото тримесечје од 0,3 на 0,1 проценти.
Британската влада ќе се бори со лажните вести во врска со епидемијата на коронавирусот и создаде специјален тим за борба против дезинформациите. Британците што се враќаат од најпогодените делови на Италија задолжително ќе мора да се самоизолираат 14 дена.
Најголемиот британски синџир на супермаркети „Теско“ ја ограничи продажбата на основни продукти. Купувачите одеднаш можат да купат најмногу пет антибактериски гелови, пет пакети тестенини, млеко и зеленчук во лименки.

Една градинка на подрачјето на Барселона е затворена откако една вработена била позитивна на коронавирусот. И тројца членови на градскиот совет на Барселона се во домашен карантин. Во Шпанија има 959 заразени и 25 починати.
Иран соопшти дека уште 43 лица починале, со што вкупниот број на жртви во оваа земја се зголеми на 237 починати. Вкупно се заразени 7 161 лице, што е за 595 повеќе од претходниот ден.
Иранските власти соопштија дена пуштаат на слобода околу 70 000 затвореници поради епидемијата од новиот коронавирус.
„Ослободувањето на затвореници ќе продолжи доколку тоа не создаде проблеми во јавноста“,
изјави портпарол на судските власти.
Не се прецизира кога, ниту дали отпуштените затвореници ќе треба да се вратат во затвор за отслужување на казната.
Јужна Кореја соопшти за 96 нови случаи, со што вкупниот број е 7 478. Од вирусот починале 51 човек.
Виетнам соопшти дека патници што доаѓаат од Кина и Јужна Кореја се ставаат во карантин 14 дена.
Околу 80 странци, кои заради коронавирусот со недели беа во карантин во Пјонгјанг, конечно ја напуштија Северна Кореја.
Тие од земјата заминале со авион на компанијата „Ер корио“ за Владивосток, Русија, што беше првиот комерцијален лет од Северна Кореја во последниот еден месец, јави Би-би-си.
Меѓу нив биле дипломати од Германија, Русија, Франција, Швајцарија, Полска, Романија и Монголија, соопшти руската амбасада во Северна Кореја на својот фејсбук-профил.
Претходно, во февруари и март, тие биле во карантин во своите домови во Пјонгјанг.
Катар ја прекина наставата во училиштата и универзитетите. Мерката стапува во сила утре.
Индија ги затвори пристаништата за сите странски бродови за да се намали ризикот од зараза.
Пациент за кого постои сомневање дека има коронавирус избегал од болница во индискиот град Мангалоре. Сè уште се трага по него.

Јапонија соопшти за 16. смртен случај. Се работи за жител на Токио на возраст од 90 години.
Бројот на заразени со новиот коронавирус во САД надмина 500, соопштија државните и локалните здравствени служби. Според владата и Американскиот центар за контрола и превенција на болести, во САД се потврдени 512 случаи на новиот коронавирус.
Од нив, 49 болни дошле од Вухан и од крузерот „Дајмонд принцес“, додека 21 биле од бродот „Гранд принцес“.
Случаи на коронавирусот се откриени во 33 држави во САД и дистриктот Колумбија
Бројот на жртви во САД достигна 22.
Порторико воведе ново правило кое гласи дека сите крузри што влегуваат во земјата ќе мора да докажат дека на бродот нема коронавирус.