Од цената што ќе ја понуди ЕСМ ќе зависи колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, а токму делот на универзалниот снабдувач најмногу влијае на цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава
АД ЕСМ најави дека до утре ќе поднесе понуда на јавната набавка на „ЕВН хоум“. Како што соопштуваат оттаму, до Владата доставиле пресметки и предлози во однос на цената и количините, по што на затворена владина седница носи одлука со препорачана цена и количина, која се доставува до ЕСМ. Согласно одлуката, како што додаваат, ЕСМ во затворена понуда ќе аплицира на повикот на „ЕВН хоум“.
Врз основа на направените анализи и пресметки, утврдиле, како што велат, дека АД ЕСМ е во состојба да ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на „ЕВН хоум“, односно 100 проценти да ги покрие потребите на универзалниот снабдувач за граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 отсто), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на „ЕВН електродистрибуција“ и целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.
За таа цел, АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 проценти од производството во минатата година. Конзумот на „ЕВН хоум“ е зголемен за 27 проценти, поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување).
„Дополнителните потреби на ‘ЕВН хоум’ и на ‘ЕВН електродистрибуција’ ќе ги задоволиме со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните ‘Битола’ и ‘Осломеј’, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ ‘Неготино’ “,
стои во соопштението.
Од цената што ќе ја понуди ЕСМ ќе зависи колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, а токму делот на универзалниот снабдувач најмногу влијае на цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава.
До крајот на неделава Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ги усвои измените на тарифниот систем за пресметка на цената на електричната енергија од универзалниот снабдувач.
Со новиот тарифен систем би се вовеле четири блок-тарифи кои ќе важат само за високата дневна тарифа, односно за скапата струја. Според новиот тарифник, предвидено е во првиот блок да бидат потрошувачите кои трошат до 210 киловат-часови електрична енергија, во вториот блок од 211 до 420 киловат-часови, во третиот блок од 421 до 630 киловат-часови и во четвртиот блок над 630 киловат-часови електрична енергија.
