Од друга страна, пак, пред домот на Борисов имаше и контрапротести – активисти и пратеници од пратеничката група на ГЕРБ дојдоа да го поддржат лидерот

Активисти на бугарската партија ВМРО предводени од европратеникот Ангел Џамбаски вечерва се собраа на протест пред домот на поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, за да го искажат револтот зошто тој го поддржа францускиот предлог за решавање на спорот и почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, јави БНТ.
Демонстрантите од доскорешниот коалициски партнер на Борисов, пред неговиот дом носеа транспарент „Не ја предавајте Македонија“ и скандираа: „И порано и сега, Македонија е бугарска“.

„Треба да се заштитат интересите на македонските граѓани со бугарска самосвест, да се воведат рокови за да се гарантира дека ако нешто не се случи, процесот нема да продолжи и може да се врати назад. Сите работи мора детално да се разработат“,
рече Џамбаски.
Од друга страна, пак, пред домот на Борисов имаше и контрапротести – активисти и пратеници од пратеничката група на ГЕРБ дојдоа да го поддржат лидерот.
Во одговор до Џамбаски, Георг Георгиев од ГЕРБ вели:

„Тоа е всушност она што и го правиме, согласно договорот и рамковната позиција на бугарскиот парламент ќе се внесе протоколот за преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Тоа ќе се случи благодарение на денешната изјава на господинот Борисов и ставот на ГЕРБ. Гарант ќе бидат целата ЕУ и сите земји-членки. Советот на ЕУ и Европската комисија“.