Борисов денеска изјави дека ГЕРБ ќе даде „зелено светло“ за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија
Еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, изрази благодарност до лидерот на бугарската опозициска партија ГЕРБ, Бојко Борисов, кој порано денеска на прес-конференција, соопшти дека францускиот предлог е прифатлив за неговата партија.
„Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ, Бојко Борисов, за историската одлука за Европа и за Северна Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог, дозволувајќи да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија. Очекуваме владата да ги достави неопходните предлози до парламентот денеска за да може Европа да оди напред“,
напиша Вархеји на Твитер.
Борисов денеска изјави дека ГЕРБ ќе даде „зелено светло“ за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, ако има таков предлог од бугарската влада во бугарскиот парламент.
„Францускиот предлог за Северна Македонија е многу добар. Им верувам на претседателот Макрон и на ЕУ“,
изјави порано денеска Борисов.