Реакцијата следува откако министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска ја повика владејачката партија на Петков, Продолжуваме со промената, да ја отстранат класификацијата „тајност“ од документите со РСМ
Документите за преговори меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија немаат печат за тајност и се вклучени во јавната евиденција на Народното собрание и на владата, соопшти бугарското МНР откако министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска ја повика владејачката партија на Петков, Продолжуваме со промената, да ја отстранат класификацијата „тајност“ од документите со РСМ.
Во соопштението што го пренесуваат бугарските медиуми се објавени и архивските броеви на три документи под кои се заведени тие и на кои има два датуми: од 17 јуни 2022 година и 20 јуни 2022 година.
„Вака поднесени, горенаведените документи се достапни за разгледување на сите пратеници од 47. Народно собрание на Република Бугарија“,
се вели во соопштението од МНР на Бугарија.
Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание утре ќе расправа за францускиот предлог.
БГНЕС вчера објави детали за тоа што предвидува протоколот што треба да го потпишат двете земји, кој јасно ги опишува условите и конкретните чекори за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
Според информациите на БГНЕС, во прашање е, всушност, записник од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, создаден врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што се одржа кон почетокот на јуни оваа година. Записникот го оценува она што двете влади го направиле досега и ги поставува насоките за понатамошни обврски и активности.