За жал, најголем дел од емисиите се поврзани токму со начинот на загревање на домовите во Скопје, вели раководителот на лабораторијата АМБИКОН при универзитетот во Штип и еден од авторите на Стидијата за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот во главниот град
Не може да се влијае на температурните инверзии, карактеристични за котлини како скопската, но може да се влијае на изворите на загадување, порача Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и раководител на лабораторијата АМБИКОН, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Тој објасни дека во Скопје, особено во зима, има изразени температурни инверзии, кога котлината е покриена со поклопец, природната циркулација престанува, воздухот стои, а концентрациите на загадувачките честички растат и оттаму се епизодите за екстремно загадување што траат и по неколку дена.
Професорот Мираковски, кој неодамна беше избран за ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, е еден од авторите на неодамна објавената студија за пропорционирање на изворите на загадување на воздухот во Скопје, која покажа дека емисиите од биомаса, односно загревањето на дрва, е најголемиот извор на аерозагадување во зима.
„За жал, најголем дел од емисиите се поврзани токму со начинот на загревање на домовите. Наредните 10 до 15 проценти се согорување на нафта и мазут, веројатно, повторно, иако се користат и во индустриските процеси, во голем дел во текот на зимските месеци се поврзани со загревањето и 10-15 проценти се т.н. секундарни честички, односно честички што не се од примарен извор, туку се формираат како резултат на емисиите, на пример, на гасовите што излегуваат заедно со примарните честички и, ако збирно гледаме, околу 70 проценти од масата може да се поврзе со согорувањето за загревање“,
објаснува Мираковски.

На студијата се работело цела година, а примероци се земале секојдневно на две локации во главниот град.
„Цела година беа покриено две локации – една позадинска, урбана локација која нема дефинирани извори, тоа е станицата на Министерство за животна средина во Карпош 4 и другата станица, изложена на сообраќај и индустрија во Ново Лисиче. И двете локации покажаа слични карактеристики, иако малку повисоки концентрации, но поголемо влијание на сообраќај имаше во Ново Лисиче, бидејќи е екстремно блиску до интензивна сообраќајница – булевар ‘Србија’. Од друга страна, индустриските отпечатоци се многу мали“,
вели професорот.
Анализата се правела по таканаречен рецепторен модел – што е тоа што се наоѓа во честичките кои се во воздухот и со математички модели моделирале од каде доаѓаат тие честички.
„Самите податоци за вкупните емисии во воздухот даваат дури и полоша слика од нашата. На пример, вкупните емисии на суспендирани честички ПМ-10 по катастрите на загадување, се 92-93 проценти, поврзани со согорување во домаќинствата, на биомаса. Емисиите и масено и кај приемниците индицираат дека се поврзани со согорувањето на дрва“,
појаснува Мираковски.