Бугарија, пишува порталот, со години инсистира ЕУ да стане гарант за исполнување на бугарските барања, но досега не наиде на разбирање од нејзините европски партнери. Според неофицијални информации, ова сега е променето. Наспроти ова, пратеникот на БСП и поранешен шеф на дипломатијата, Кристијан Вигенин, за БНР изјави дека нема да се укине ветото без оглед на предлогот што доаѓа од француското претседателство
И Радев и ВМРО-ДПМНЕ мавтаат со прст пред одлуката за Северна Македонија. Со ваков наслов бугарскиот портал „Медиaпул“ ги пренесува последните изјави во Софија и Бугарија во врска со евентуалното решение помеѓу двете земји и (не)кревањето на ветото за старт на преговорите со ЕУ.
Бугарскиот претседател Румен Радев во изјавата предупреди секое лукавство во врска со Северна Македонија ќе има страшни последици.
„Владата треба да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да го повлече ветото за Северна Македонија. Знаете дека премиерот следната недела заминува во Брисел и мора да го брани националниот интерес. Затоа и Народното собрание и Бугарите мора однапред и јасно да знаат точно каква позиција ќе брани премиерот и не може да отстапи од рамката на Консултативниот совет за национална безбедноста. Секоја измама или обид за нејзина замена ќе има тешки последици“,
вели Радев.
Сепак, нагласува „Медиапул“, тој не ја коментира суштината на предлогот на француското претседателство. Според дипломатски извори на медиумите, Париз е подготвен да ги вметне барањата на Бугарија во преговарачката рамка за Северна Македонија и со тоа ЕУ да стане гарант за нивно спроведување.
Оваа преговарачка рамка, пишува „Медиапул“, се очекува да биде одобрена од другите земји членки, и покрај резервите што ги имаат дека на ваков начин билатералните прашања се извезуваат на европско ниво со цел Западен Балкан да може да се движи на патот кон ЕУ. Во обид да ги смири шпекулациите, бугарската влада го назначи парламентот да одлучува за сите прашања со Република Северна Македонија, вклучително и за укинувањето или неукинувањето на ветото.
Бугарија, пишува понатаму порталот, со години инсистира ЕУ да стане гарант за исполнување на бугарските барања, но досега не наиде на разбирање од нејзините европски партнери. Според неофицијални информации, ова сега е променето.
Наспроти ова, пратеникот на БСП и поранешен шеф на дипломатијата, Кристијан Вигенин, за БНР изјави дека нема да се укине ветото без оглед на предлогот што доаѓа од француското претседателство.
Меѓутоа, нејасно е дали тоа е само ставот на БСП или за ова се разговарало и со другите две партии од владејачката коалиција, Промените продолжуваат и Демократска Бугарија.
Опозицијата во Северна Македонија, пишува понатаму „Медиапул“, остро реагираше на информациите дека француското претседателство е подготвено да ги вклучи барањата на Бугарија во преговарачката рамка на ЕУ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека доколку францускиот предлог навистина е таков подобро е неговата земја да не влезе во ЕУ, пишува порталот пренесувајќи ги понатаму ставовите што тој синоќа ги изнесе во интервјуто во „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.
Мицкоски ја повтори тезата, наведува „Медиапул“, дека бугарските барања значат „или бугаризација на Северна Македонија или земјата никогаш нема да стане дел од ЕУ“, како и неговата констатација дека тоа би било нокаут за македонската дипломатија.
Бугарскиот портал во текстот ја пренесува и денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски кој кажа дека земјава не добила предлог на француското претседателство и оти таков би пристигнал кога ќе се усогласат членките на ЕУ вклучително и Бугарија.