Француски предлог, како што рече премиерот, до земјава не е стигнат. Тој би пристигнал дури откако земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, ќе се усогласат. Кога ќе добиеме некаков предлог, рече Ковачевски, ќе ги дадеме нашите забелешки

Во евентуалното решение за спорот со Република Бугарија мора да има гаранции дека тоа ќе бидат нивните последни барања, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид, тој рече дека до земјава не е стигнат предлог за решение од француското претседателство и оти тоа би било доставено до Северна Македонија откако прво ќе се усогласат земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија.
„Предлогот го даваат земјите членки на ЕУ бидејќи ние сме земја која сака да се зачлени. Врз основа на предлогот што тие ќе го усогласат, тој кога ќе биде подготвен и ако биде усогласен помеѓу сите земји членки ќе биде доставен до нас и тогаш ќе ги дадеме нашите забелешки. Ги кажав нашите позиции, тие се јасно дефинирани и во Собранието, нема разговори за македонскиот јазик, за македонскиот идентитет и решението треба да содржи севкупно решение и гаранции дека со ова веќе нема да постојат никакви други барања во однос на нашето напредување во интеграцијата со ЕУ“,
рече премиерот.
За политичките превирања на внатрешната политичка сцена во Бугарија, премиерот не сакаше многу да коментира, но ја повтори констатацијата дека за разлика од Скопје каде што власта не го користела прашањето за политички поени, во Софија било спротивно – прашањето за Северна Македонија било инструментализирано за дневнополитичка употреба.
„Во однос на внатрешната динамика на политичките односи во Бугарија, навистина е тешко да се коментира. Јас кажав дека ние имавме став во насока на изнаоѓање достоинствено решение базирано на европските вредности и како влада и коалиција во ниту еден момент овој процес не го политизираме и не го инструментализиравме за дневнополитичка употреба и добивање еднократни политички поени. За разлика од Република Бугарија, каде што ова прашање беше постојано инструментализирано, политизирано и на крајот гледаме дека стана една од точните на внатрешната политичка борба. Што ќе се случува, ние не можеме да знаеме бидејќи тоа зависи од развојот на настаните во нивниот парламент, така што најдобро е тоа да го следиме како сите други што го прават“,
рече Ковачевски.
Премиерот уште еднаш повтори дека не треба да се врзуваме со датуми за почеток на преговорите бидејќи, како што нагласи, ние сме целосно подготвени и тоа веќе не зависи од нас. Меѓутоа, потенцира, нема да се откажеме.
„Зошто? Затоа што Република Северна Македонија има четири последователни извештаи на ЕУ, имаме 45 отсто усогласеност на нашето законодавство со Унијата и дури одреден број поглавја имаме поголема усогласеност од земји што ги имаат почнато. Тоа значи дека ние сме комплетно подготвени за почнување на процесот на преговори и сега зависи од согласноста на сите земји-членки. Дали ние ќе се откажеме? Не, нема да се откажеме со оглед на тоа што ЕУ е стратешка цел на нашата држава, како што беше зачленувањето на НАТО“,
рече Ковачевски посочувајќи дека 80 проценти трговската размена земјава ја извршува со ЕУ, а исто се однесува и на странски директни инвестиции и на тоа дека најголем дел од иселениците се токму во земји од ЕУ.