Со новиот предлог-закон за заштита на потрошувачите, посочи Бектеши, освен парични казни, компаниите што работат нечесно ќе се соочат и со друг тип казни, односно ќе има затворање компании. Имињата на компаниите, како што додаде министерот, ќе бидат објавени јавно, а ќе има и забрана за вршење дејност
Овој предлог-закон, како што најави Бектеши, ќе се најде дневен ред на следната редовна владина седница, односно идниот вторник

Сите синџири на маркети и компании што ќе работат нечесно ќе бидат соодветно санкционирани, а со новиот предлог-закон за заштита на потрошувачите, освен парични, компаниите ќе се соочат и со друг тип казни, односно со затворање на компаниите.
Ова денеска во интервју за „Утрински брифинг“ го најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој кажа оти овој предлог-закон ќе се најде дневен ред на следната редовна владина седница, односно идниот вторник.
„Во вторник на седница на Владата ќе се усвои предлог закон за заштита на потрошувачите каде казните ќе бидат многу високи за сите нечесни практики кои се на штета на потрошувачите. Според постојното законско решение, казната може да дојде до 5 000 евра, а отсега казните нема да бидат само парична. Има компании што заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплаќа да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика“,
кажа министерот.
Со новото решение, посочи Бектеши, компаниите ќе се соочат и со друг тип казни, односно ќе има затворање компании. Имињата на компаниите, како што додаде самиот, ќе бидат објавени јавно, а ќе има и забрана за вршење дејност.
Воедно, министерот посочи оти овие денови Пазарната инспекција е на терен за да утврди дали трговците ја почитуваат владината одлука за повторното замрзнување на маржите на основните прехранбени производи, проследено со намалување на цените.
„Владата годинава донесе две мерки за заштита на стандардот на населението – замрзнување на цените и замрзнување на маржите. Мерката за замрзнување на маржите траеше до крајот на мај. Се очекуваше дека цените кај трговците ќе останат на исто ниво. Што не се случи, за што донесовме одлука повторно да ги замрзнеме профитните маржи со цел да ги заштитиме граѓаните. Не е етички да има маржа од 15 отсто за одредени производи во време на ваква криза“,
кажа Бектеши.
Очекувавме, додаде Бектеши, дека според договорите со стопанските комори, компаниите веќе се навикнати на профитни маржи од 4 отсто или 5 отсто. Но, во дел од трошоците – на масло за јадење на пример, како што додаде, се плаќа 7-8 денари за рабат кон супермаркетите.
„Сега Владата ја укина оваа можност и за супермаркетите и за увозниците. Побарав да се прават секојдневни контроли не само на заштитените производи туку и на другите производи. За мене е злоупотреба синџирите на маркети да имаат профит од 30 отсто во ваква криза“,
рече министерот.
Претходно оваа недела, по предлог на Министерството за економија, Владата ја усвои одлуката за ограничување на профитните маржи на основните прехранбени производи во трговијата на мало и големо.
Според одлуката, од 15 јуни до 30 септември, белиот леб – сечен и цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење ќе се продаваат со пет отсто трговска маржа во трговија на големо и пет отсто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз, трајно млеко и јајца се утврдува маржа од десет отсто во трговија на големо и трговија на мало.