Ковачевски во својот говор потсети на она што досега го направила С Македонија за да добие датум за преговори со ЕУ, но најави и економски реформи кои допрва ќе следуваат со цел усогласување на нашата политика со онаа на Унијата
Имаме направено многу одрекувања и донесовме тешки одлуки за членство во НАТО И ЕУ, за подобра иднина на граѓаните. Членството во НАТО е постигнато, а поради една блокада, ЕУ не ги исполнува ветувањата иако има широка поддршка од земјите членки за што сум и благодарен јас, но и граѓаните. Продолжуваме да работиме на европеизација на европските вредности, ние сме дел од тоа семејство и ги делиме истите вредности, истакна премиерот Димитар Ковачевски зборувајќи на вториот ден од „Преспа форумот за дијалог“, отворајќи ја сесијата на тема „65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“
Ковачевски во својот говор зборуваше за економските форми како клучни за пристапувањето во економијата презентирајќи неколку реформски планови кои опфаќаат повеќе сектори, со цел нивно приспособување на европските стандарди.
„Подготвуваме и програма за економски реформи, како стратешки документ во дијалогот со ЕУ. Овој документ претставува подготовка за учество во процесот на економски и финансиски надзор на членките на ЕУ. Во рамките на социјално-економскиот дијалог кој се фокусира на вработувањето, образованието и социјалната политика се подготвуваат реформи во вработувањето и социјалната политика, која се фокусира на три приоритетни области – вработувањето и пазарот на труд, човечкиот капитал и вештините и социјалната инклузија и социјалната заштита“,
истакна Ковачевски.
Тој потоа истакна и дека во земјава се подготвува стратегија за паметна специјализација, а потсети и дека С Македонија ги исполнува обврските од енергетската и транспортната заедница.
„Земјата подготвува и стратегија за паметна специјализација, како сеопфатен модел на одржлив економски раст заснован на капацитетите на индустријата, науката и општеството, која треба да се поврзе со постојните стратегии за иновација, конкурентност и стратегија за истражување и развој. С Македонија ги исполнува обврските од енергетската и транспортната заедница и вложува значителни напори за продлабочување на енергетската ефикасност и користење обновливи извори за енергија со цел достигнување на целите во зелената агенда“,
нагласи Ковачевски.
Тој потсети и дека Северна Македонија има четири последователни позитивни извештаи од Европската комисија и одново повтори дека нашата земја се стреми кон европски стандарди и нашата определба останува членството во ЕУ.