Време за лидерство и храбри одлуки и не смее да се пропушти шансата за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија, констатирале вицепремиерот за европски прашања и државниот секретар за ЕУ во шпанското МНР
Неопходно е итно отпочнување на преговорите со ЕУ, бидејќи секое одолговлекување на процесот за земјава ќе значи губење време и доверба во Унијата, а во време на кризата предизвикана од конфликтот во Украина, може да значи и сериозен безбедносен ризик за регионот.
Ова го порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на двете одделни билатерални средби во рамки на „Преспа форум за дијалог“ со заменик министерот за европски работи при Министерството за надворешни работи на Република Чешка, Алеш Хмелар и со државниот секретар за Европска Унија при Министерството за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Кралството Шпанија, Паскуал Наваро.
На средбата со заменик министерот Хмелар, како што информираат од СЕП, била потврдена принципиелната позиција на Чешка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, како и за целиот Западен Балкан, што ќе биде и висок приоритет на чешкото претседателство со ЕУ.

Маричиќ и Хмелар разговарале и за темите поврзани со билатералната соработка помеѓу двете земји, особено каде што има интерес за унапредување преку размена на искуства во процесот на преговори со ЕУ, како и преку експертска и институционална поддршка.
Како што соопштија од СЕП, вицепремиерот на средбата со Наваро, пак, се согласиле дека врвен приоритет на Унијата треба да остане интеграцијата на земјите од Западен Балкан, дека е време за лидерство и храбри одлуки и не смее да се пропушти шансата за отпочнување преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во однос на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Шпанија, двајцата дискутирале за продлабочување на успешната децениска соработка во области кои се од заемен интерес особено на економската соработка, туризмот, културата и образованието, во духот на европските вредности.