Според Дојче веле, посетата на Макрон, Шолц и Драги на Украина е симбол на обединета Европа во нејзината желба да и помогне на таа земја, а особено е важно тоа да се случи само еден ден пред Европската комисија да препорача препорака за статусот на Украина како кандидат за ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и романскиот претседател Клаус Јоханис денеска беа во посета на Киев, кадe беа пречекани од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Откако се симнаа од специјалниот воз кој ги однесе од Полска до Киев, лидерите на европските земји го посетија киевското предградие Ирпин – место на тешки напади од почетокот руската инвазија.
Во Ирпин, откако видел натпис на еден ѕид „Make Europe, not war“, францускиот претседател Макрон рекол дека е многу трогателно да се види такво нешто и оти тоа е вистинската порака.
Посетата на европските лидери во Украина е особено важна бидејќи Макрон, Шолц и Драги се лидери на трите најмоќни економии на ЕУ, а посетата е важна и како дел од подготовките за самитот следната недела во Брисел и состанокот на НАТО во Мадрид на 29 и 30 јуни. На самитот лидерите на земјите членки на ЕУ ќе го разгледаат барањето на Украина да добие статус на кандидат за членство во Унијата.
Според Дојче веле, посетата на Макрон, Шолц и Драги на Украина е симбол на обединета Европа во нејзината желба да и помогне на таа земја, а особено е важно тоа да се случи само еден ден пред Европската комисија да препорача препорака за статусот на Украина како кандидат за ЕУ.
Од почетокот на руската инвазија, Украина ги критикуваше Франција, Германија и во помала мера Италија, за наводното доцнење во обезбедувањето поддршка.
Како причина за таквото мислење, официјален Киев наведе дека тие земји полека испорачуваат оружје и ги ставаат своите економии пред безбедноста на Украина.
Во меѓувреме, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев посетата на германскиот канцелар, претседателот на Франција и премиерот на Италија на Киев ја оцени како бескорисна.
„Европските љубители на жаби, парчиња месо и шпагети сакаат да го посетуваат Киев“,
напиша Медведев на Твитер, реагирајќи на посетата на Олаф Шолц, Емануел Макрон и Марио Драги во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков предупреди против нови испораки на оружје од западните земји за Украина.
„Би сакал да се надевам дека лидерите на овие три земји и претседателот на Романија нема да се фокусираат само на поддршката на Украина со дополнително пумпање оружје“,
рече тој.