Со последната измена на Правилникот, велат од граѓанските иницијативи, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, колку тие и да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите – стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите, и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова, според нив, се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот
Неколку независните граѓански иницијативи – „Зелен хуман град“, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Подобро за Тетово“ и „Стига E – Струмица“ реагираат на последната измена на Правилникот за урбанистичко планирање, за која велат дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го сменил на начин што, како што велат, ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели.
„Министерот за транспорт и врски Бочварски остана доследен на својот став од првата прес-конференција пред две години дека донесени ДУП не може да се менуваат. Не само што остана доследен, туку во мај годинава создаде и дополнителна пречка за каква било можност за менување на плановите во насока на намалување на кој било параметар во обемот на градба и бетонизација на нашите градови и општини. Тоа што над една третина од сите станови во Македонија се невселени, како што покажува последниот попис, не го спречи министерот на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го смени Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели“,
се вели во реакцијата.
Со последната измена на Правилникот, велат од граѓанските иницијативи, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, колку тие и да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите – стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова, според нив, се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот.
„Тоа стекнато право значи дека обемот на градба по сите параметри во секој следен план или измена на план може само да се зголемува, а никако да се намалува. И повторно без одговорност иако со десетици стручни елаборати се докажани огромните недостатоци, незаконитости, неусогласености и се предвидуваат катастрофални последици по нашите градови доколку таквите планови продолжат да се спроведуваат“,
се вели во реакцијата.
Од граѓанските иницијативи кои стојат зад реакцијата сметаат дека самите термини „стекнато право за градење со урбанистички план”, односно „претходно стекнати права со урбанистички план“, утврдени со Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 година и измените и дополнувањата од 2022 година, без притоа тие да се дефинираат и јасно да се утврдат ограничувањата на овие права спротивни на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за урбано зеленило и конечно, на највисокиот правен акт, Уставот на Републиката.
Затоа, тие ги повикуваат граѓаните да им се приклучат во борбата за, како што велат, враќање на владеењето на правото и правната држава.
„Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина. Не смееме да дозволиме да нè поразат и да нè обесхрабрат! Мора да си ги вратиме градовите и општините, бидејќи тие се наши“,
се вели во реакцијата.
Воедно, го повикуваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, веднаш да ги повлече, како што ги нарекуваат, срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање и го потсетуваат дека токму тој ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план.
„Неговото министерство го продаде земјиштето кај ‘Холидеј ин’ со што ја овозможи градбата на џиновски комплекси против кои застанаа илјадници граѓани и стручни лица. Постојано се залага за легализација на дивоградби со што дополнително прави упад и го поништува професионалното планирање. Овој пат го повикуваме да застане на страната на граѓаните и стручњаците. Да организира расправа и во консултација со стручната фела и заинтересираната јавност да се изработи нов правилник со кој ќе се овозможи квалитетно и хумано урбанистичко планирање и заштита на јавниот интерес“,
се вели на крајот од реакцијата на неколку независни граѓански иницијативи и советнички групи.