Шарл Мишел вечерва пристигна во Охрид, а на тамошниот аеродром беше пречекан од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ

Претседателот Стево Пендаровски вечерва во Охрид оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во посета на Северна Македонија како дел од неговата регионална турнеја во земјите од Западен Балкан, соопштија од кабинетот на претседателот.

„Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ на кој му претходи лидерскиот состанок на Европската Унија – Западен Балкан, претседателите разговараа за европското досие на Северна Македонија, предизвиците и можните модалитети за нивно надминување. Тие се осврнаа и на воената руска агресија во Украина, можните безбедносни закани во регионот и пошироко, како и на справувањето со економските предизвици соочени со ефектите од здравствената и енергетска криза“,
се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Пендаровски и Шарл Мишел размениле заеднички и ставови за најновите идеи за создавање „Европска геополитчка заедница“, при што, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, тој потенцирал дека е добредојдена секоја идеја која ќе обезбеди продлабочена оперативна соработка за справување со заедничките предизвици и интереси, како што се стабилноста и безбедноста на европскиот континент.