Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши, Одлуката за ограничување на маржите за основните производи денеска е објавена во Службен весник, а според информациите од Пазарен инспекторат денеска до 15 часот треба сите производители и дистрибутери да формираат нови цени кои ќе ги достават до синџирите на супермаркети и согласно новите понудени цени ќе се намалат цените на основните производи доколку цените на суровините и сите трошоци останале исти
Откако вчера со владина одлука повторно се ограничија маржите на основните прехранбени производи, министерот за економија Крешник Бектеши изјави оти од денеска очекува да има намалување на малопродажните цени на основните прехранбени продукти.
„Одлуката за ограничување на маржите за основните производи денеска е објавена во Службен весник. Од информациите што ги имаме од Пазарен инспекторат денеска до 15 часот треба сите производители и дистрибутери да формираат нови цени кои ќе ги достават до синџирите на супермаркети и согласно новите понудени цени ќе се намалат цените на основните производи доколку суровините и сите трошоци останале исти“,
рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
На берзите, како што посочи Бектеши, веќе се намалуваат цените на пченицата, на сончогледот и на другите суровини и земјоделски производи кои се користат за производство на финалните производи.
„Најважно е да нема злоупотреба на договорите што ги имаат синџирите на супермаркети со производителите и дистрибутерите“,
рече Бектеши.
Согласно податоците и влезните фактури кои се проверени од страна на Царинската управа во делот на суровините или, пак, во делот на готовите производи и оперативните трошоци што ги пријавувале компаниите од март до мај, како што потенцира министерот, не гледаме дека има некое зголемување на оперативните трошоци во делот на поголеми сметки за електрична енергија или други трошоци.
„Од април се зголемија минималните плати, а до мај се применуваа и се признаваа зголемувањето на платите кое беше вкалкулирано како дополнителен трошок од страна на компаниите за да ги зголемат цените. Немаме одлука од 1 јуни за дополнително зголемување на минимална плата, па да се зголеми делот на платите во нивните оперативни трошоци или, пак, нема зголемување на цената на електричната енергија за дополнително да стават проценти на она што било во мај сега во јуни за трошоци за електрична енергија“,
појасни Бектеши и додаде дека секојдневно се следат сите трошоци.
Инаку, вчера на владина седница беше донесена одлука оти од денеска заклучно со 30 септември, белиот леб – сечен и цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење ќе се продаваат со пет отсто трговска маржа во трговија на големо и пет отсто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз, трајно млеко и јајца се утврдува маржа од десет отсто во трговија на големо и трговија на мало.
Дополнително на тоа, како што додаде, во делот на формирање на цени, до крајот на годината нема да се пресметуваат никакви дополнителни оперативни трошоци и нема да се одобруваат ниту рабат ниту надоместоци на секој трговец на мало кои ги плаќа трговецот на големо или производителот.