Албанскиот премиер во интервјуто посочува оти не очекува бугарските лидери да ја променат својата позиција бидејќи тие го претвориле спорот со Скопје во толку големо прашање што сега е многу тешко да се повлечат. Влегоа во спирала, вели тој, и додава дека сега е многу тешко да се излезе од неа
Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за бриселски „Политико“ вели дека од Самитот на ЕУ не очекува Албанија и Северна Македонија да ги започнат преговорите за членство и за тоа вината ја префрли на Бугарија.
„Немам никакви очекувања. Мислам дека ништо нема да се случи. Албанија и Северна Македонија формално нема да ги отпочнат пристапните преговори“,
вели Рама во интервјуто.
На прашањето дали некои лидери на ЕУ сигнализирале дека преговорите би можеле да започнат наскоро, Рама одговара:
„Какви сигнали можат да дадат? Не станува збор за нив. Повторно во прашање е Бугарија. Сите се согласуваат, сите поддржуваат, сите мислат дека ова (почетокот на преговорите) треба да се случи, а и веќе требаше да се случи. Но, нивниот простор за маневар е ограничен од Бугарија“.
Албанскиот премиер во интервјуто посочува оти не очекува бугарските лидери да ја променат својата позиција бидејќи тие го претвориле спорот со Скопје во толку големо прашање што сега е многу тешко да се повлечат.
„Тоа е спирала. Влегоа во спирала. И од таа спирала е многу, многу тешко да се излезе“,
вели Рама.
И во разговорот со „Политико“ тој потврди дека доколку нема напредок до крајот на јуни, тој ќе бара кандидатурата за членство на Албанија да се третира одвоено од Северна Македонија, нешто што ЕУ досега не сака да го направи и тврди дека би било подобро за регионалната стабилност ако двете соседни земји би можеле да напредуваат заедно.
Албанскиот премиер истакнува и поддршка за идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање Европска политичка заедница што ќе биде отворена и за ЕУ членките и за државите кои не се дел од Унијата. Според Рама, тоа треба одамна да се направи бидејќи е визионерска идеја.
Во интервјуто тој зборува и за воведувањето санкции кон Русија за што Албанија се усогласи со ЕУ, но не и Србија. Но, Рама вели дека мора да се разбере позицијата на Белград.
„Морате да разберете дека Србија е во многу поинаква позиција од многу други, поради нејзината историја, поради нејзините посебни врски со Русија“,
вели премиерот на Албанија и додава дека верува оти Србија треба да воведе санкции, но не треба да се притиска Белград бидејќи истовремено е зависен од снабдување со енергија од Москва.