Премиерот Ковачевски, како што вчера рекоа од Владата, не бил во можност да ја прифати поканата со оглед дека агендата за овој период била исклучително интензивна и не можеле да ја изменат. Посетата на премиерот во Украина, рекоа, веруваат дека наскоро ќе биде реализирана

Премиерите на Црна Гора и Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама, со авион полетаа за Киев. Двајцата на социјалните мрежи вечерва споделија фотографија и видеа од полетувањето и пристигнувањето во главниот град на Украина.
„Пат за Киев – Се молиме за мир“,
напиша Абазовиќ.
„За Киев, на покана на претседателот Зеленски“,
објави Рама.
Посетата следува откако минатата недела Зеленски во телефонски разговор со Абазовиќ упатил покана.
По ова од кабинетот на црногорскиот претседател соопштија дека идејата на Абазовиќ е да биде заедничка посета со останатите премиери од Западен Балкан, пред сè со премиерите во НАТО-членките од регионот, со цел да се испрати силна и едногласна порака од регионот за поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина.
Вчера црногорските медиуми повикувајќи се на свои извори објавија дека на тоа се согласил и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, меѓутоа од Владата набргу посочија дека тој не бил во можност да ја промени и така интензивната агендата за овој период поради што не можел да ја прифати поканата.
„Поканата за која прашувате се однесува на период кој во агендата на премиерот е исклучително интензивен и поради неможност таа да се измени, за жал, не бевме во можност позитивно да одговориме. Нашата поддршка за Украина и храбриот украински народ е недвосмислена и безрезервна. Благодарни сме на поканата за посета за која веруваме дека наскоро ќе биде реализирана“,
рекоа вчера од Владата за „360 степени“.