Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе биде успех за целиот регион, рекол вицепремиерот
Лидерите на ЕУ мора да го искористат овој историски момент и да одговорат на актуелната криза со официјализирање на европската перспектива на регионот, порачал вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешните средби во Брисел со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино, со в.д. директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела.
„Вистинско време, што мора да го искористиме за старт на преговорите на Унијата со Северна Македонија и Албанија. Секој отпор и воздржаност на ЕУ кон Западен Балкан дополнително ќе ја намалува атрактивноста на Унијата и ќе го поткопува нејзиниот кредибилитет во регионот. Наша стратешка определба е членство во Европската Унија и би било добро годинава да се дефинира политиката на проширување, во насока на кредибилно партнерство и со поголема посветеност кон кандидатите и потенцијалните кандидати“,
посочил Маричиќ на средбата со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино.
Санино, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), потврди дека Европската служба за надворешни работи ја цени нашата проевропска ориентација, а нашата земја, како и целиот регион, е стратешки партнер на Унијата.
За време на разговорот со в.д. директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Матуела, пак, направил преглед на постигнатиот напредок на европската агенда, потенцирајќи го интензивното работење на Владата за исполнување на задачите и критериумите за почеток на преговорите, со посебна посветеност на европската реформска агенда, што е нотираат во сите меѓународни извештаи.
„Западен Балкан не само географски туку и вредносно припаѓа на ЕУ и сите земји од регионот треба да станат членки на Унијата кога ќе ги исполнат условите за тоа. Ние одамна ги имаме исполнето и време е лидерите на ЕУ да покажат лидерство и да ја потврдат посветеноста на Унијата на Западен Балкан и неговата европска перспектива. Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе биде успех за целиот регион“,
рекол Маричиќ на средбата со Матуела.
На утрешната агенда на вицепремиерот во Брисел е брифинг на Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан/Проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), на тој кој ќе информира за напредокот на земјата во реформите во насока на подготовка на земјата за почеток на преговорите за членство со ЕУ, по што ќе следи и средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и со координаторот на ЕК за Северна Македонија, Марк Јорна.