На средбата, како што јави владината прес-служба, било потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција, таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска во Истанбул остварил средба со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, а на средбата како што соопштија од прес-службата на Владата, присуствувале и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На средбата, како што јави прес-центарот на Владата, заеднички биле констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Премиерот Ковачевски на средбата со турскиот претседател Ердоган го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност. Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка“,
стои во соопштението од владината прес-служба.
Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од 8. место во 2020 година во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде 6. место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија.
„На средбата беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции“,
додаваат од прес-службата на Ковачевски.

Ковачевски му се заблагодарил на турскиот претседател Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, која од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.
Во разговорот, Ковачевски и Ердоган потенцирале оти Северна Македонија и Турција ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу Министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Северна Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.
Премиерот Ковачевски му упатил покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на многубројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Турција.