За жал, не бевме во можност позитивно да одговориме, благодарни сме на поканата за посета за која веруваме дека наскоро ќе биде реализирана, велат од Владата
Премиерот Димитар Ковачевски нема да оди во посета на главниот град на Украина, Киев, заедно со своите колеги од Црна Гора и Албанија, Дритан Абазовиќ и Еди Рама, како што утринава објавија црногорските медиуми.
Од Владата за „360 степени“ велат дека поради интензивната агенда која ја има премиерот овој период не е во можност да оди за Киев и затоа ја одбиле поканата.
„Поканата за која прашувате се однесува на период кој во агендата на премиерот е исклучително интензивен и поради неможност таа да се измени, за жал, не бевме во можност позитивно да одговориме. Нашата поддршка за Украина и храбриот украински народ е недвосмислена и безрезервна. Благодарни сме на поканата за посета за која веруваме дека наскоро ќе биде реализирана“,
велат од Владата за „360 степени“.
Информацијата за заедничкото патување на Ковачевски со Абазовиќ и Рама се појави по телефонскиот разговор што го имал украинскиот претседател Володимир Зеленски со црногорскиот премиер во четвртокот.
Зеленски му упатил покана, по што од кабинетот на премиерот на Црна Гора соопштија дека Абазовиќ ќе покрене идеја за заедничка посета со премиерите од Западен Балкан, пред сè со премиерите во НАТО-членките од регионот, со цел да се испрати силна и едногласна порака за поддршка на суверенитетот и интегритетот на Украина од Западен Балкан.
По ваквите најави, весникот „Вијести“ утрово, повикувајќи се на свои извори објави дека Рама и Ковачевски ја прифатиле идејата на Абазовиќ, но според официјалниот одговор од Владата во Скопје, сепак, од кабинетот на македонскиот премиер не одговориле позитивно на поканата.