Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 од полноќ се зголемуваат за 1,50 денар по литар, а на еурдизел (Д-Е V) за три денари по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Новите цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 111,5 денари
- ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 113,5 денари
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 107,5 денари
За 2,50 денари поскапува и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и литар ќе чини 105 денари.
Се зголемува цената и на мазутот М-1 НС за 0,809 денари по што еден килограм ќе се продава за 56,317 денари.
Според Регулаторната комисија за енергетика, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,249%, кај дизелот за 3,681%, кај екстра лесното масло за 3,681% и кај мазутот зголемувањето е за 1,405%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,049%.