Во текстот во кој се повикува на пишувањата на холандските медиуми, „Еурактив“ потсетува дека за разлика од сега премиерот Марк Руте во 2018 година рече дека Албанија и Северна Македонија ќе ја ослабат целата Унија, наведувајќи ги корупцијата и недостатокот на слобода на медиумите и во 2019 година, Холанѓаните заедно со Франција и Данска ги блокираа преговорите за двете земји
Холандската влада сега ги поддржува кандидатурите за пристапување на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, за разлика од 2019 година кога заедно со Франција и Данска ги блокираше преговорите на двете балкански земји, објавува „Еурактив“.
Кабинетот и коалициските партии во холандскиот Претставнички дом сега се „за“ двете балкански земји, кои се надеваат на почеток на преговори за членство, да влезат во Европската Унија, го пренесува пишувањето на холандскиот медиум „НЛ тајмс“.
Пристапот на Скопје, се потсетува во текстот, во моментов е блокиран со вето од Бугарија поради, како што се наведува, „заедничкиот јазик и историја“, додека напредокот на Тирана во ЕУ е поврзан со оној на Северна Македонија.
Европскиот парламент уште во мај го повика Европскиот совет да започне преговори со Албанија и Северна Македонија за членство во ЕУ, истакнувајќи го „геостратегискиот контекст на односите со Русија и нејзината агресија врз Украина“, пишува „Еурактив“.
„Де телеграаф“, пак, објавува дека премиерот Марк Руте сега е за кандидатурата за пристап на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, и потсетува дека во 2018 година тој рече дека Албанија и Северна Македонија ќе ја ослабат целата Унија, наведувајќи ги корупцијата и недостигот на слобода на медиумите. Во 2019 година Холанѓаните, заедно со Франција и Данска, ги блокираа преговорите за двете земји, пренесува „Еурактив“.
Руте сега се обидува да собере поддршка низ целиот блок. Уште во мај тој и германскиот канцелар Олаф Шолц разговараа за пристапот на Северна Македонија и Албанија на прес-конференција во Хаг.
„Сите заедно се обидуваме во Европската Унија да направиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме Западен Балкан да остане стабилен и да најдеме решение за проблемите што постојат таму, особено во однос на Северна Македонија и Бугарија“,
рече тогаш Руте, потсетува „Еуроактив“.