Со тоа, според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, би ги презентирале македонските вредности токму во градот во кој има многубројни меѓународни организации и претставништва, дипломатски мисии, град кој ја симболизира обединета Европа

На дводневната работна посета на Европската комисија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека ќе биде горда доколку во срцето на Европа, односно во Брисел биде отворен македонски културно-информативен центар кој ќе ја промовира македонската култура и традиција.
„На овој начин би ги презентирале македонските вредности токму во градот во кој има многубројни меѓународни организации и претставништва, дипломатски мисии, град кој ја симболизира обединета Европа“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
На агендата на Костадиновска-Стојчевска, како што соопшти Министерството за култура, е и средба со премиерот на Фландрија, Jан Јамбон, кој истовремено е задолжен и за областа култура.
Костадиновска-Стојчевска денеска ќе се сретне со генералната директорка за образование, млади, спорт и културана Европската комисија, Темис Кристофиду, со која ќе разговара за можностите за интензивирање на соработката во проектите од областа на европските интеграции и ќе ја потенцира воспоставената добра практика на транснационалната културна соработка.
Министерката ќе се сретне и со директорката за меѓународни односи на Палатата за убави уметности, Магдалена Лискова, со која ќе дискутира за можноста таму да се организираат македонски културни настани. На средбата ќе присуствува и Жулиет Дуре, директорка за филм со која е предвидено да се разговара за соработката во филмската уметност и за Фестивалот на Југоисточна Европа кој треба да се одржи во јануари 2023 година.
„Република Северна Македонија е активна и во рамките на Програмата ‘Креативна Европа’ на Европската Унија, но и преку активностите во Агендата за Западен Балкан на ЕУ и Инструментот за претпристапна помош на ЕУ каде што има голем број примери на квалитетни проекти на тема културно наследство, особено во ИПА-програмите за прекугранична соработка со Албанија во кои сме лидер земја, како и партнер земја на проекти со Бугарија, Грција, Србија, Косово“,
соопшти Министерството за култура.