Во Европа, Албанија ги пријави првите случаи на заразени, додека во Италија, поради новите правила за превенција, во повеќе затвори избувнаа нереди во кои има и жртви. Бројот на вкупно заразени во светот е 110 110 луѓе
Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 110 110 луѓе, од кои 3 831 починале, а 62 356 оздравеле.
Албанија ги пријави првите случаи на заразени со ковид-19. Се работи за татко и син кои се вратиле од Италија. Тие се во стабилна состојба и немаат компликации.
Во континенталниот дел на Кина, каде што избувна епидемијата, вчера се потврдени 40 нови случаи на коронавирусот, што е благ пад во однос на еден ден претходно кога тој број изнесуваше 44. Од новите случаи 36 се пријавени во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеј, додека другите четири случаи во провинцијата Гансу биле „увезени од Иран“.
Една припадничка на кабински персонал на „Џапен ерлајнс“ е позитивна на коронавирусот.
Јапонија соопшти дека во земјата од вирусот починале 15 лица.
Сингапур ќе му дозволи на крузерот „Коста фортуна“ утре да се закотви во градот откако му беше забрането да застане во Тајланд и Малезија затоа што меѓу патниците има Италијанци. Меѓу патниците и членовите на екипажот нема сомнителни случаи на ковид-19.
На Филипините досега се пријавени 10 заразени
Јужна Кореја ќе ѝ уплати три милиони долари на Светската здравствена организација за борба против коронавирусот, соопшти министерот за надворешни работи на оваа земја Канг Кјунг-ва
Во Индија има 41 заразен.
Началникот на Генералштабот на армијата на Италија генерал Салваторе Фарина е заразен со новиот коронавирус. Во моментов е во соба за изолација во болница.
Затворениците во четири италијански затвори се побунија против новите правила кои треба да го спречат ширењето на коронавирусот. Едно од нив е забрана за посети, што особено ги налути затворениците по што во четири затвори дојде до нереди. Во затворот во Модена загинал најмалку еден затвореник, но сè уште не е јасно што се случило. Неколку затвореници се повредени
Еден германски турист почина од ковид-19 во Египет, со што стана првата жртва на вирусот во земјата.
За да се спречи дополнително ширење на новиот коронавирус во Грција, од денеска до 22 март превентивно се затворени 34 училишта од кои речиси сите се во областа Атика, поширокиот регион на грчкиот главен град.
Бројот на заразени со новиот коронавирус во САД надмина 500, соопштија државните и локалните здравствени служби.
Американскиот републикански сенатор Тед Круз ќе остане во карантин во Тексас откако дознал дека се ракувал и кусо разговарал со човек во Мериленд кој бил позитивен на коронавирусот.
Авиокомпаниите низ светот прекинаа летови или ги променија своите услуги во согласност со мерките за борба против коронавирусот.
Берзите во целиот свет се во пад поради кризата со ковид-19, а драстично се намалија и цените на нафтата, што е најголем пад од 1991 година.