По претпладневната посета на Северна Македонија, германскиот канцелар Олаф Шолц пристигна во официјална посета на Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.
Посетата на Софија ќе ја започне со средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, на која ќе присуствува и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, по што ќе биде примен од претседателот Румен Радев.
Шолц за Софија замина по неколкучасовната посета на Скопје, на која порача дека Западен Балкан е од стратешко значење за Германија и дека тој лично ќе се залага за негов прием во Европската Унија, особено за Северна Македонија.
Претходно, германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за „360 степени“, најавувајќи ја посетата на Шолц на Северна Македонија и на Бугарија, кaжа дека тоа е дел од ангажманот на Берлин за деблокада на пристапниот процес за земјава.
Но, во последната анализа на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во пресрет на посетата на канцеларот, се вели дека мали се шансите посетата на Шолц да помрдне нешто во бугарско-македонскиот спор и да му го отвори патот на Скопје кон ЕУ.